Измените на Законот за заштита од заразни болести пред Комисијата за здравство

Собраниската Комисија за здравство денеска треба да го разгледа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, по скратена постапка, во второ читање, откако вчера на пленарна седница беше усвоена потребата од негово донесување.
Во образложението на предложените измени и дополнувања стои дека Законот за заштита на населението од заразни болести ги уредува мерките за спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обвските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел на заштита на населението од заразни болести. Во услови за постоење на пандемија од Коронавирус COVID-19 се наметнала потреба од доредување на законските решенија во насока на предвидување на здравствени установи во кои ќе се лекуваат лицата заболени од оваа заразна болест, како и нови поголеми овластувања за надлежните инспекциски служби да вршат инспекциски надзор над мерките наредени во согласност со членот 58 став 1 од овој закон.