Измените на Изборниот законик во собраниска процедура

Измените и дополнувањата на Изборниот законик со кои се предвидуваат воведување една изборна единица, поднесени од пратеници од помалите парламентарни партии денеска ќе се најдат на седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците во прво читање, но засега нема консензус за нивното усвојување. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека ќе го поддржат предлог законот, а со цел одржување предвремени избори.
Согласно постојниот изборен систем на парламентарните избори се избираат 123 пратеници, од кои 120 пратеници се избираат според пропорционалниот модел, при што, територијата на државата е поделена на шест изборни единици (во секоја од нив се избираат по 20 пратеници), а тројца пратеници (од редовите на дијаспората) се избираат според мнозинскиот модел во еден изборен круг и тоа по еден пратеник од три изборни единици во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија.