Арсовски: Државава не е на бегалската рута од војната во Украина

Досега нема лица кои поради војната во Украина побарале статус на бегалец во земјава, рече на денешната прес конференција владиниот портпарол Душко Арсовски. Како што додаде тој, иако нашата земја не е на рутата на бегалци од Украина, државата ги презела потребните активности за организирано прифаќање на евентуален бран бегалци.
„Северна Македонија не е на рутата на бегалци од војната во Украина на начин каков што гледавме претходните години, во однос на бегалската криза од војната во Сирија. Независно од тоа Владата презема конкретни чекори. Беа задолжени министерствата за труд и социјална политика, за здравство, за финансии, надворешни и внатрешни работи, да преземат мерки за организирано прифаќање на евентуални бегалци и нивно сместување“, рече Арсовски.