Повторно опожарена трска во Струга, инспекторите бараат реакција од општината

Голем дел од површината со езерска трска на потегот од Струга до селото Калишта е уништена. Целосно пеплосани се неколку хектари. Од државниот инспекторат за животна средина денеска соопштија дека извршиле вонреден инспекциски надзор и бараат одговорност од локалните власти во Струга. До обвинителството поднеле барање за отпочнување на кривична постапка против непознат сторител. Вчерашното палење е трето за помалку од една недела.
„Општината е одговорна за управување и спроведување на мерки и активности за заштита и промовирање на светското природно и културно наследство и спречување на активности кои негативно влијаат врз исклучителните вредности на природното и културното наследство во Охридскиот регион“, наведуваат од Државниот инспекторат за животна средина.
Граѓанските активисти бараат поголема ажурност од институциите, за кои велат дека доколку сакаат можат да стават крај на ваквиот геноцид врз природата.
„…Постојат институции кои се платени да ги штитат овие делови на езерото од вакви постапки, меѓутоа мислам дека не недоволно, туку воопшто не си ја вршат својата работа, затоа што досега барем јас не познавам некој да е санкциониран за таквите лоши постапки кон езерото“, рече Нестор Јаулески-биолог.
Езерската трска е место каде што мрестат некои видови риби, па со ваквите опожарувања, се уништува добар дел од нивната популација, а трската важи и за прочистувач на езерската вода. Прашавме во општина Струга какви мерки ќе преземат за да не се дозволи палење и уништување на трската, но немаа одговор.
Мики Трајковски