

Алсат
23.06.2020 08:35
Сите вие кои не пропуштате прилика да и кажете дека не е добра мајка, вие кои не бирате зборови и што ја обвинувате за се…
И ти што превртуваш очи кога нејзиното дете се однесува онака, како што тебе не ти одговара…
Ти што под око ја гледаш кога во паркот го дои своето дете, затоа што било срамота да се дои во јавност…
Особено ти, кој без срам секогаш и кажуваш колку се поправила и дека треба малку да се среди, бидејќи поминало доволно време после пораѓајот. А доколку премногу се среди или многу брзо ослабела, кажуваш дека би можела малку повеќе да се посвети на своето дете, наместо да мисли само на себе.
И ти што пишуваш или кажуваш за тоа дека е таа виновна ако го кара или ако недоволно го кара своето дете. Премногу била попустлива. Или пак, премногу строга.
Ти што божем се грижиш дека детето е премногу или премалку облечено, дека детето е пречисто или валкано.
И сите вие кои мислите дека сте подобри или би биле подобри, а всушност никогаш не сте направиле ни мал чекор во нејзините чевли.
Па и ти која си исто така мајка, а мислиш дека си подобра од неа и си земаш за право да и го плеснеш тоа во лице.
Вие лицемерните кои сакате да гледате деца, а не ви е гајле за тоа како живеат нивните мајки.
Вие кои пласирате згодни јавни личности кои ден после пораѓање изгледаат совршено и исфотошопирано.
Ах, да… И вие стручњаците кои ако сте имале макар еден ден пракса, би знаеле дека за родителството е најлесно да се зборува.
А на сето ова, и ти… кој случајно поминуваш, ти кој мислиш дека тоа би го сторил подобро, па и ти која си поминала низ истото.
Зошто ве интересира кога родила, колку деца родила, како ги родила и со кого?
Зошто ви е гајле кој и го чува детето, дали денес пуштила машина за перење алишта, дали ги испеглала алиштата, дали направила торта за роденденот на своето дете или само ја купила?
Можеби не знае да готви, можеби и покрај сиот труд и поминати часови во кујната едноставно резултатот не е вкусен и не изгледа убаво… Можеби одлучила на тој ден да му посвети повеќе внимание на детето, отколку да го помине денот во кујна, кога детето на крај секако ќе се израдува затоа што роденденска торта ЌЕ ИМА.
Можеби детето од многу мало е запишано во градинка, бидејќи таа мора да работи за да го нахрани.
А можеби навечер, кога ти не гледаш, таа му пее најубави приспивни песнички, го прегрнува своето дете и го сака бескрајно иако не е најдобрата мајка на светот, според твојата проценка.