Што им се става како грев на лобистите против договор со Бугарија?

Наводите за македонски службеници кои работеле против постигнување евентуален договор со Софија, сè уште не се процесираат во правосудните органи. Ниту Владата, ниту Министерството за надворешни работи, чии челници ја споделија информацијата, не доставиле докази до Обвинителството, ниту пак се појаснува за какво евентуално кривично дело би станувало збор.
„Институциите кои утврдиле постоење на елементи на кривично дело, соодветните докази треба да ги достават до Обвинителството кое согласно своите надлежности понатаму ќе ги гони сторителите на кривичното дело“, наведуваат од Обвинителството.
Според она што последно го истакна премиерот Ковачевски, засега со случајот се занимаваат единствено безбедносните служби. Детали за тоа од кои институции се овие лица, колку долго лобирале да не се постигне решение во дијалогот Скопје-Софија и дали овие службеници сè уште се на своите работни позиции, нема. Единствено се знае дека наводите се испитуваат како „класифицирана информација“.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја повика денеска Владата да не молчи за овој скандал и да одговори што направила за да се спречи ваквото дејствување.
„Зошто досега не се реагирало? Зошто не се спречило и зошто не се санкционираат? Кои се тие службеници и што правеле Османи и Ковачевски и што планираат да преземат, односно дали тие самите ќе понесат одговорност за ваквите случувања?“, рече Марија Митева – портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
И бугарскиот премиер Кирил Петков минатата недела кажа дека три лица, од кои двајца агенти во бугарската Државна агенција за национална сигурност, работеле против постигнување евентуален договор со Скопје, а се сомничат дека се поврзани со руски служби.
Од Стејт департментот, за Гласот на Америка, кажаа дека САД се загрижени за информациите од Бугарија дека постои ризик Западен Балкан да стане регион на нестабилност поради делување на руски агенти. „Ние продолжуваме да ги поддржуваме ЕУ аспирациите на сите земји од Западен Балкан. Ги поздравуваме напорите на владите на Северна Македонија и Бугарија за решавање на ова прашање“, велат од Стејт департментот.
Лука Андреев