Партиите го коментираат предлогот за закон за ветинг во судството
Партиите го коментираат предлогот за закон за ветинг во судството

ВМРО-ДПМНЕ има став дека на правосудниот систем во земјава му е потребен радикален ветинг, но во исто време, велат, треба да има ветинг и кај политичарите. Само така, според партијата на Христијан Мицкоски, ќе се создадат услови корумпираните да одговараат пред законот.
Одговорот на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа еден ден откако Алијанса за Албанците упати отворен повик до сите политички партии во земјава да се приклучат на иницијативата за донесување на закон за ветинг во судството. Според албанската опозициска партија, партиските кадри во правосудните и обвинителските институции ги партизираат правосудните институции и ја попречуваат истрагата на владините функционери. СДСМ оценува дека реакцијата на Алијанса е задоцнета. Државата, велат, веќе има механизми за следење на работата на судиите, според кои, досега се разрешени 20-тина судии.
Алијанса пак тврдењето дека правосудството може да си се филтрира самото себеси е потсмејување на граѓаните.
„Северна Македонија мириса на корупција и организиран криминал. Нема алка во системот што не е контаминирана од овие девијантни појави, така што проценуваме дека за да имаме реален и сериозен процес на ветинг ќе треба да имаме комисија, комисија од експерти со висок кредибилитет за отстранување на сите можни дилеми за успехот или пристрасноста на таа комисија“, рече Елми Азири- Алијанса за Албанците.
Пред да дојде на власт во 2017 година, СДСМ ветуваше реизбор и преоценување на сите судии и обвинители. Но, потоа, поранешниот премиер Зоран Заев изјави дека таквиот процес може да ја остави земјата без судии и обвинители. Амбасадорката на САД во Скопје, Кејт Мери Барнс, пред неколку дена изјави дека само 8 отсто од граѓаните имаат доверба во судството.
Фатлуме Дервиши