Првоосомничениот за убиството на хрватскиот ракометар, заврши во Шутка
Првоосомничениот за убиството на хрватскиот ракометар, заврши во Шутка

Анџело Ѓоргиевски, првоосомничен за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот, по речиси една недела во бегство, во раните утрински часови се предал во Полициската станица Скопје Аеродром. 28-годишникот, кој заедно со уште две лица до смрт го претепаа Хрватот, веднаш беше испратен во затворот во Шутка, откако веќе му беше одреден 30-дневен притвор.
„Првоосомничениот А.Ѓ. (28) е баран по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „убиство“ по член 123 од КЗ на РСМ. По преземени интензивни мерки и активности за негово пронаоѓање и приведување, лицето околу 01:20 часот се предало на полициски службеници од оперативниот тим за увид во регионот на населбата Аеродром“, велат од МВР.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, продолжува да обвинува дека МВР се обидувало да го сокрие случајот. Бараат оставка од министерот Спасовски бидејќи полицијата не реагирала навреме.
На 16 февруари имало наредба од Државниот пазарен инспекторат ноќниот клуб „Привилеџ“ да престане со работа. Но, таа станала правосилна дури по смртта на хрватскиот ракометар, односно вчера, на 12 април. Овој документ покажува неправилности.
„Ова е наредбата на Државниот пазарен инспекторат со која се изрекува забрана за 30-дневна активност на ноќниот клуб во кој Хрватот беше претепан до смрт минатиот четврток. Но, според записникот, објектот требало да биде пломбиран, но овде гледаме дека работел без дозвола.“
19-годишната девојка К.Л. и 22-годишниот А.К. се во притвор од 30 дена поради обвинение за убиство.
Според сведоците, 28-годишниот Тот ноќта на 7 април кога се случила трагедијата бил во друштво со 19-годишната девојка, а по меѓусебна расправија двете момчиња А.К. и А.Ѓ дошле да ја земат со такси пред ноќниот клуб. Во 3.30 часот по полноќ, расправијата ескалирала, а од ударите кои ги добил хрватскиот ракометар, го загубил животот.
Аднан Ќаили