Забелешки во Извештајот на Стејт департментот за одредени области во С Македонија

Нечовечки и понижувачки услови и голема пренатрупаност во некои затвори; насилство и закани за насилство врз новинари; случаи на сериозна владина корупција; недостаток на одговорност за родово и семејно насилство; како и насилство и закани врз лица од ЛГБТИ заедницата. Ова се заклучоците од Извештајот на Стејт департментот на САД за почитувањето на човековите права кај нас за 2021 година.
Стејт департмент на САД:
• Владата генерално го спроведуваше законот, но имаше извештаи за функционери вклучени во корупција.
• Невладините организации изјавија дека доминантната улога на владата во економијата создава можности за корупција.
Во извештајот се споменува случајот на поранешниот владин секретар Драги Рашковски и на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.
Во однос на судството, во извештајот се истакнуваат некои од проблемите.
Стејт департмент на САД:
• Случаите на недолично однесување од судот, непотребниот притисок врз судиите, правда која се влечка со години и финансирањето како и недоволниот судски кадар продолжија да го попречуваат функционирањето и ефективноста на судот и влијаеа на довербата на јавноста во судството.
• Заклучно со 31 август, до Судскиот совет пристигнале 479 граѓански претставки … Претставките опфаќаат пристрасно и неетичко однесување, процедурални грешки, исклучувања и надминување на рокови.
Американскиот Стејт департмент посвети внимание на лошите услови во затворите и третманот на затворениците.
Стејт департмент на САД:
• Затворот Идризово, во кој се сместени приближно 45% од затворениците во земјата, работи во дотраени, пренатрупани објекти, изложувајќи некои затвореници на нечовечки и деградирачки услови.
• Широката корупција на затворскиот персонал беше значаен проблем во затворскиот систем.
• Имаше неколку извештаи дека полицијата ги злоупотребувала приведените и употребувала прекумерна сила.
• Затворскиот систем и понатаму страда од недостиг на финансии и персонал.
Во извештајот се наведува дека, според Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), одговорот на органите на прогонот и правосудните органи на случаите на насилство и заплашување на новинари бил бавен и неефикасен. Хелсиншкиот комитет за човекови права и други активисти, наводно, пријавиле зголемување на говорот на омраза (кон медиумите).
Во извештајот се спомнуваат и лица без државјанство и фантоми за кои се вели дека решавањето на проблемот е заглавено.
Фатлуме Дервиши