Србија ја замасти со зејтин манџата во Македонија
Србија ја замасти со зејтин манџата во Македонија

Српската Влада ја објави во Службен весник одлуката за извоз на два милиони литри масло за јадење кон земјава. Количините се испорачуваат во текот на денов во зависност од нарачките на компаниите кои го увезуваат овој производ, велат за Алсат од министерството за земјоделство. Целата количина е флаширано масло за јадење кое ќе биде пуштено во употреба, а овие количини пред забраната за извоз од Србија биле веќе нарачани. Со оглед дека договорената количина ќе биде доволна за само еден месец, од Владата денеска соопштија дека ќе комуницираат со надлежните во Србија за дополнителни испораки.
„Oстануваме во постојана и интензивна комуникација со српските власти и доколку има потреба ќе се испорачуваат и дополнителни количини масло за јадење, а очекуваме и нова одлука“, велат од Влада.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, просечната потрошувачка на едно четиричлено семејство на годишно ниво кај нас е околу 55 литри зејтин. Месечно на едно просечно домаќинство му се потребни околу 4 и пол литри.
Државен завод за статистика
Масло за јадење за една година 54,8 литри
Масло за јадење за еден месец 4,5 литри
За зголемување на домашното производство на сончоглед, земјоделците ќе добиваат субвенција од 150 евра за хектар, ѓубриво од 2.500 денари, а неделно и околу 2.100 денари за зелена нафта. Од следната недела на земјоделците ќе им се стават на располагање 6.000 хектари државно земјоделско земјиште наменето за садење на пченица, пченка, јачмен и сончоглед.
Андреа Чобанова