Охрид – Дуќанџиите бараат да работат и во недела

Сопствениците на дуќани во Охрид, се жалат дека за време на престојните празници кога се очекува голем број туристи да го посетат градот, нивните дуќани ќе останат затворени. Тие бараат да бидат изземени од законот за недела – неработен ден.
„Ние не сме на колена, ние сме легнати на под. Не можеме да поделиме плати, неможиме да поделиме ќирии и затоа ги замолуваме државните институции, малку инфузија да ни дадат, да ни дозволат да работиме барем за празниците. Сега први мај е продолжен викенд, тоа е катастрофа да не работиме или за Велигден. После 30 години јас размислувам да затворам, пред да почне сезона, до толку сме изнемоштени“, рече Соња Јосифоска, сопственичка на дуќан.
„Голем број на туристи се пренасочуваат на други дестинации. На 22 февруари ние поднесовме барање до општината, собранието и до сите релевантни фактори.Има воља од сите да се реши проблемот“, рече Маја Бакалова-претседател на здружение „Чаршиски еснаф“.
Сопствениците на дуќани велат дека и по повеќе од два месеца, откако испратиле барање до сите надлежни институции и политички партии во Собранието, туристичките центри да бидат изземени од законот за недела- неработен ден, одговор не добиле.
„Коментарите од туристите, кои во сабота не посетуваат, се чудат,како ќе го поминат недела денот. Тие неможат цел ден да седат по ресторани“, додава Јосифоска.
Слична е состојбата и во Струга, каде дуќанџиите се соочуваат со истиот проблем.
Мики Трајковски