ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

ВМРО ДПМНЕ и СДСМ со меѓусебни обвинувања за задолжувањата

Најавите за идно задолжување на владата е причина за уште една преписка на релација опозиција – власт. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека за само две години Владата на СДСМ и ДУИ ја задолжиле државата со нови 1,6 милијарди евра, а со задолжувањето оваа година кое се планира со ребалансот на буџетот, долгот за три години ќе биде 2,3 милијарди евра и ќе достигне историски врв од речиси осум милијарди евра. Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска обвинува дека новото задолжување од владата ќе ја фрли Македонија на колена.

Advertisements

„Во 2020-та година се задолжија за да и помогнат на државата во услови на здравствена и економска криза. Дали успеаја? Не. Најлоши сме во поглед на борбата со пандемијата во светски рамки и најлоши сме во остварувањето на економијата. И покрај високото задолжување не успеа да ја стабилизира економијата во 2020-та година при што доживеавме најдлабок пад по оној од осамостојувањето од 6,1%, пад којшто беше двојно повисок од интерниот конфликт во 2001 година и пад којшто беше најдлабок во регионални рамки. Во 2021 година имавме раст на економијата од само 4%, што е најслабо остварување во регионални рамки“, рече Гордана Димитриеска-Кочоска ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката партија СДСМ преку писмено соопштение и одговори на Кочоска, дека ВМРО-ДПМНЕ нема кредибилитет да зборува за задолжување, бидејќи тоа е истата партија, која 11 години ги задолжуваше граѓаните да гради споменици, фасади од стиропор, што се распаѓаат, да ја изгради луксузната Бела палата, како центар за ширење лажни вести, за богатење на партиското раководство на сметка на осиромашување на граѓаните.

„Во најтешкиот период од пандемијата од Ковид 19, кога Владата предводена од СДСМ преку шест пакети мерки со 1,1 милијарди евра им помогна на граѓаните и на компаниите, дополнителната заменичка министерка за финансии од ВМРО ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочовска, со месеци кочеше заем од Светска банка, наменет за инвестиции во здравството и за помош на најранливите. Концептот парите назад кај граѓаните продолжува и во време на светска економска криза. Со антикризниот пакет од 26 мерки, СДСМ им помага на граѓаните, на најранливите категории, на пензионерите и на компаниите“, рекоа од СДСМ.

Во апсолутни бројки јавниот долг на Македонија надминува 7,1 милијарди евра.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button