Градинките се вратија во нормала, училиштата и понатаму празни
Градинките се вратија во нормала, училиштата и понатаму празни

Привремениот прекин на штрајкот во градинките значително го зголеми бројот на згрижени деца. Во градинката „Фидани“ во Чаир бројот на деца достигна 230 во однос на деновите од штрајкот кога имаше само околу 40.
„Функциониравме, од првиот ден на штрајкот не застанавме, но најголемиот дел од родителите го поддржаа штрајкот, a денеска забележавме промена. Сите сè уште го поддржуваат штрајкот, но тој беше прекинат поради децата, бидејќи повеќето родители имаа голем проблем затоа што децата се мали и нема кој да се грижи за нив“, изјави Гезиме Бакиу, директорка на градинката „Фидан“.
Во градинките во општина Бутел и во Шуто Оризари одбија да зборуваат. Зад камерата ни рекоа дека ги извршуваат сите активности предвидени со програмата.
Граѓаните кои ги сретнавме во близина на градинките рекоа дека го поддржуваат штрајкот, но оти тој треба да се спроведе без прекин на воспитно-образовниот процес.
Вчера, според СОНК, поголем дел од вработените во градинките повикале да се прекине штрајкот за најмалите да бидат згрижени, а на нивните родители да не им се загрозуваат работните места.
Мелихате Рустеми