Државата треба да му исплати на Љубе Бошкоски 5.700 евра

Државата на Љубе Бошковски треба да му исплати 5720 евра до 1 – ви декември. Судот за човекови права во Стразбург донесе одлука, по жалбата на Бошкоски за не фер судење во случајот „Кампања“ каде беше осуден на пет години затвор за нелегално политичко финансирање. Судот пресудил дека лидерот на Обединети за Македонија ќе добие 4500 евра како нематеријална штета и 1220 евра надомест за трошоците. Жалбата за не фер судење му е прифатена во делот на сослушување на клучниот заштитен сведок – сведочење врз кое и беше осуден и во делот на исклучување на јавноста од процесот во три наврати.
Бошковски барал 18 илјади евра оштета, но нашата влада сметала дека е многу. Бошковски за адвокатски услуги побарал над 10 илјади евра, но доби само 1220 евра. Во објавената пресуда на страната на Судот во Стразбург стои дека со одлука на претседателот на Судот, од одлучувањето бил изземен судијата Јован Илевски кој е судија во судот за човекови права но е и баџанак на Сашо Мијалков поранешен директор на УБК кој се слушаше во бомбите како зборува за начинот на апсење на Бошковски.
„Според тоа, Судот не утврди дека во околностите на случајот, било објективно оправдано јавноста да биде исклучена од рочиштата на 20 и 25 октомври и 15 ноември 2011 година. Имајќи го предвид горенаведеното, Судот заклучи дека предметната постапка, не ги задоволила барањата за фер расправа“, се наведува од Европскиот суд за човекови права.
Бошковски сега е советник во владата на премиерот Зоран Заев. Инаку само во 2019 – та година, државата по изгубени битки пред Судот за човекови права во Стразбур платила 266 илјади евра. Станува збор за 106 предмети кои се покренати пред овој суд кој утврдува не фер постапување во постапки пред домашните судови во земјава.
Бојан Стојановски