Во државна служба „клати врата“ за 3.000 евра плата!

Од 1.000 до 3.000 евра се движат платите на директорите или членовите на управните одбори во дел од јавните претпријатија кои се под капа на државата. Од јавно достапните информации на претпријатијата речиси е и невозможно да се дознае колку точно изнесува платата на дел од директорите. Премиерот Димитар Ковачевски најави измени во Законот за плати, бидејќи во некои случаи, платите или надоместоците на овие функционери биле повисоки и од платата на претседателот на државата.
„Има јавни претпријатија во кои членови на управен одбор имаат поголеми плати од претседателот на државата, а се претпријатија кои креираат загуби“, изјави Димитар Ковачевски- Премиер
Во наредните шест месеци ќе се работи на нов Закон за плати. Покрај ваквите високи примања од буџетот, дел од невладините организации постојано укажуваат на ниското образование кое го поседуваат раководните лица на некои претпријатијата. Исто така, членовите на управните и надзорните одбори во најголем дел се бираат по принципот на партиска лојалност, а на според професионалноста.
„6% од директорите и 11% од надзорните одбори немаат високо образование… Членовите на управните и на надзорните одбори се бираат по принцип на партиска лојалност и имаат слаб капацитет суштински да придонесат во работата на јавното претпријатие“, изјаваат од Институт за демократија
Уште позагрижувачко е тоа што, иако овие лица земаат високи плати, во последните години администрацијата станува се понеефикасна.
„Покрај тоа што јавната администрација се зголемува, продуктивноста бележи драстичен пад од 13,1 процент. Јавната администрација треба да има еден строг систем или строги критериуми за влез во истата, каде што оние коишто се најзаслужни ќе влезат во неа, но исто така и системот на плаќање да биде брз база на продуктивност. Попродуктивните да имаат повисоки плати“, изјави Благица Петрески- Finance Think
Реформата на вработените во администрацијата е ветување на речиси секоја Влада. Се ветуваа намалување на платите, кратење на бројот на административци, департизација и анимирање да си заминат во приватниот сектор. /Алсат.мк
Андреа Чобанова