ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Дебарското езеро повлечено и до 100 метри!

Делови од  Дебарското езеро подолго време се на суво, без капка вода. Најкритична е ситуацијата на излезот од Дебар кон Маврово, кај т.н Мелнички мост. Дебрани велат дека водата е  повлечена и повеќе од сто метри од брегот, иако некогаш била до самите ресторани. Сегашната состојба ја споредуваат со еколошка катастрофа.

Advertisements

„Мислам дека некој си поигрува со Дебар и Дебарчани, бидејки мисли само да продава струја, а не мисли за проблеми кои се прават со флората и фауната во езерото, кога паѓа нивото на езерото.Полошо е во месец мај, кога е природниот мрест.Тогаш кога паѓа водата, икрите остануваат на суво и не може да имаме природен мрест како што треба“, вели Дритан Боцку – претседател на риболовно друштво Трофта- Дебар.

„Може да се каже дека некој профитира од ова, за струја или нешто друго.Но ние како друштво можеме да кажеме, ова му штети на рибниот фонд во езерото“, рече Шќелзен Чанк- рибар.

Езерото во себе крие и големи количини на отпад кој се таложи од околните реки, и отпадот кој се фрла од блиските села. Во моментот кога екипата на Алсат беше на лице место, беа собрани повеќе од десет трактори смет – пластика, гуми, стакло, шишиња.

„Отпадот доаѓа од селата, од таму го фрлаат. Тоа се доаѓа од горе од реката Радика се слева и ние го чистиме овде, Од луѓето, кога доаѓаат овде, не го собираат, не го фрлаат во контејнери, а го фрлаат тука“, изјави Фљамур Абдиу- вработен во ЈКП Стандард.

Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, рече дека општинскиот инспектор по животна средина веќе излегол на терен.

„Тој ќе подготви извештај околу таа работа и ќе имаме официјално став околу тоа. Ние треба да делуваме, кога гледаме некоја аномалија. Дали е игра или не е игра, ќе видиме после констатација, дали некој си игра“, вели Дука.

Од јавното претпријатие Електрани за Алсат велат дека и покрај потпросечното производство на електрична енергија дошло до намалувањето на нивото на Дебарско езеро.

„Поради долгогодишната суша, котата на Охридското езеро е во пониски граници и од тие причини и истекот мора да биде минимален. Со тоа и реката Црн Дрим носи минимален дотек во Дебарското езеро“, наведуваат од ЕЛЕМ.

Од Електрани додаваат дека со редуцирано производство, котата на Дебарско езеро се одржувала на ниво од повеќе од 2 метра, над минималната кота, во очекување на сезонските врнежи кои требало да ја подобрат хидролошката состојба, која подолго време е неповолна.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button