Куманово одвои два милиони денари за поддршка на две здруженија кои работат на поддршка на лица со попреченост

Куманово потпиша договор за финансиска поддршка со две здруженија за поддршка на лица со попреченост, соопштија денеска надлежните. Договорите со вкупна вредност од два милиони денари се потпишани со здружението Регионален центар за лица со интелектуална попреченост „Порака Наша“-Куманово и здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“-Куманово.
-Врз основа на спроведениот јавен повик за финансиска поддршка за вршење работи од социјална заштита на здруженија и други правни лица, кои спроведуваат активности насочени кон лица со попреченост на територија на Општина Куманово за 2022 година, Општината потпиша договори за финансиска поддршка со здруженијата. Финансиските средства во висина од 2.000. 000 денари се распределени на двете здруженија: 1.200 000 денари на здружението Регионален центар за лица со интелектуална попреченост „Порака Наша“-Куманово и 800.000 денари на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, соопштија општинските власти.
Со потпишување на договорите, здруженијата ќе почнат со спроведување на нивните проектни активности насочени кон лицата со попреченост во дневниот центар „Порака Наша“, како и изградба на пристапни рампи и тоалети во училиштата, сензорни соби, инклузивни игралишта, активности за информирање, упатување и советување на лицата и нивните семејства.
На овој начин, наведуваат од Општината, уште еднаш се истакнува грижата за сограѓаните, со цел подобрување и унапредување на нивниот живот и поголема вклученост во општеството.ам/бт/
2022-04-30 11:07:41, од Александра Максимовска