ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ВМРО ДПМНЕ и денеска побараа лидерска средба

И покрај тоа што премиерот Димитар Ковачевски веќе одби да седне на иста маса со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за да разговараат за датум за предвремени парламентарни избори, од опозициската партија очекуваат Ковачевски да се премисли. Иако премиерот истакна дека нема да ги прифаќа, како што вели, уцените и заканите од Мицкоски, од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека тече рокот до 10-ти мај за одговор на понудата.

Advertisements

„Очекувано е дека не размислува и не одлучува самиот Ковачевски, сепак има десет дена да можеби си го промени мислењето од првичното што го одговорија од неговата партија, не тој лично, а потоа ќе излеземе да ги кажеме следните чекори. Јас би оставил да помине оној рок којшто го дадовме, бидејќи сепак сме сериозна партија, не сме несериозни како нив и веднаш по поминувањето на тој рок ќе излеземе и ќе ги кажеме следните чекори“, рече Димче Арсовски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека следуваат „сериозни и досега непрактикувани чекори“ доколку нивната понуда биде одбиена, а за активностите би информирале по заседанијата на партиските тела.

Од друга страна, од СДСМ за Алсат велат дека нема да има промена во одговорот и дека не е време за предвремени избори. Според социјалдемократите, ВМРО-ДПМНЕ продолжува со деструктивно однесување, а прашањето за парламентарните избори е затворено – тие ќе се одржат во 2024 година.

„Папагалското повторување на едно исто прашање одговорено повеќепати говори дека Мицкоски е целосно загубен“, рекоа од СДСМ.

Претходно и од ДУИ информираа дека сега не е време за предвремени парламентарни избори, туку дека тие би можеле да се одржат заедно со претседателските, кои се исто така предвидени за 2024 година. Од партијата предводена од Али Ахмети нагласија дека не е време за авантури, а предвремени избори би им оделе во прилог на трети страни кои имаат дестабилизирачки агенди во регионот.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button