Шилегов: Загадувањето е во рамки на нормалата

Скопскиот градоначалник нема да преземе нови интервентни мерки за аерозагадувањето. Шилегов вели дека досега се донесени 27 мерки кои придонеле да се намали загадувањето. Според него, аерозагадувањето е во рамки на границата, иако во ноќните часови во одредени населби како на пример во Лисиче се мерат и по 150 микрограми ПМ 10 честички во воздухот што е за три пати над дозволената граница.
„Не постои град во Европа којшто на своите граѓани им дава стопостотно субвенционирање на 5.000 инвертер клими. Не постои град во Европа. Тоа е единствено градот Скопје и останатите три града кои со донација што ја добивме од ЕЛЕМ и Владата на РСМ и тоа го направивме“, рече Шилегов.
Според Шилегов за намалување на аерозагадувањето влијае и зголемениот број на автобуси.
„До неодамна, секојдневно на линија се вклучуваа 140 возила, а откако стапи на сила најновата препорака, дел од јавниот превоз секојдневно се 190 возила. Се зголеми број на возила на повеќе линии (5, 15, 24, 57, 58, 63, 65 и други приградски линии). Режимот на превозот не е направен паушално, туку врз основа на бројот на валидации од електронскиот систем на наплата“, додава Шилегов.
И додека властите се едногласни – мерките за борба против аерозагадувањето даваат резултати, екологистите сметаат дека не се доволни за да се реши проблемот со загадувањето.
Игор Стефановски