Македонија против „Европска политичка заедница“ наместо ЕУ

Ќе се задоволи ли Македонија со членство во т.н. Европска политичка заедница наместо во Европската унија? Идејата за нов сојуз, која ја покрена францускиот претседател Емануел Макрон, веќе наиде на одобрување кај првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел. Во новата заедница, според најавата, покрај државите од ЕУ би членувале и земјите-кандидатки, како и Украина, Грузија, Молдавија и Велика Британија. Премиерот Ковачевски верува дека оваа заедница нема да го засегне актуелниот процес на проширување.
„Секако, во Европската унија постои процесот на проширување, во којшто процес, ние сме дел. Тој процес на проширување којшто е направен според новата методологија, на кластери и на отворање поглавја, не треба и јас верувам дека нема да биде засегнат од усогласувањето на ЕУ со новото геополитичко окружување“, рече Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ рекоа дека членството во ЕУ не смее да има алтернатива и зачудени се што дел од домашната експертска јавност ја поздравила идејата за новата политичка заедница.
„На Македонија не ѝ е местото во втората лига. // Мислам дека е редно време Европа да остане принципиелна на своите ветувања и барем за Македонија да не применува вакви двојни стандарди“, рече Мицкоски.
Евроамбасадорот Дејвид Гир тврди дека новата идеја нема да создаде промени за зачленувањето на Западен Балкан во ЕУ.
„Единствениот пат е проширување со Западен Балкан, тоа е апсолутен приоритет и е пат заснован на реформи. Не сметам дека оваа идеја ќе влијае на патот за целосно зачленување во Унијата“, рече Гир.
Во меѓувреме, зголемена е дипломатската активност и во Скопје и во Софија за деблокирање на евроинтегративниот пат на земјава, а еврокомесарот Дидие Рејндерс веќе го постави 30-ти јуни како рок до кога двете земји треба да постигнат решение.
Лука Андреев