Образованието доби плата, градинките во понеделник

Вработените во образованието добија целосна плата и покрај тоа што штрајкуваа речиси три недели. Цела плата очекуваат и вработените во градинките кои исто така го поддржаа штрајкот, но се грижеа и за децата. Заменик-претседателот на СОНК, Тафа Амети, очекува дека платите за градинките ќе бидат исплатени во понеделник на 23 мај. Во случај да има кратења, сумата ќе се надомести во платата за следниот месец.
„Во градинките се менува колективниот договор во делот каде што е предвидено да не се исплаќаат плати на вработените кои штрајкуваат. Таму ќе биде додаден дел кој ќе го верификува министерството во петок и во понеделник да си ги земат платите, можеби, уште еднаш ќе кажам со многу смешно намалување кое ќе го надоместат во следниот месец. Големи новитети има и во градинките и тие воопшто не треба да се грижат…“, рече Тафа Амети, потпретседател на СОНК.
Според Амети, од особено значење се новите колективни договори за градинките и за образованието.
„Втората работа што е важна е регресот за годишен одмор или познато како К-15 кое ќе се плаќа и за нашите членови. Третата многу важна работа особено во образовниот сектор е наплатата на патни трошоци за нашите работници кои патуваат, особено во селата за каде трошат големи суми на пари за пат. Друго што треба да се спомене е дека ќе бидат исплатени и дополнителните часови кои наставниците вообичаено ги остануваат, а за кои досега не примаа никаков надомест. Има и јубилеи, 10-20 и 30 години и така натаму“, додава Амети.
Инаку, препораките на медијаторот се веќе потпишани од СОНК и Министерството за образование и доставени до сите канцеларии на СОНК за возвратен одговор.
Мелихате Рустеми