Утре во Вашингтон почнува стратешкиот дијалог меѓу САД и Македонија

Одбрана, безбедност, економски просперитет и јакнење на демократијата ќе бидат главните теми на првиот состанок од Стратешкиот дијалог меѓу САД и Македонија, кој започнува утре во Вашингтон. Американската амбасадорка во земјава, Кејт Мери Брнз, во гостувањето во емисијата „200“ на Алсат, рече дека на маса ќе бидат поставени голем број идеи како да се подобри соработката меѓу двете земји, без да открие повеќе детали. Прашана дали отпочнувањето на ваков дијалог може да се сфати како замена при евентуален неуспех во евроинтеграцијата, таа вели дека Вашингтон очекува Унијата да се прошири со земјите од Западен Балкан.
„Ова е еволуција на нашето природно партнерство, кое се движи и расте и презема нови аспекти и амбиции, но е целосно во согласност со визијата и намерата на Северна Македонија да биде полноправна членка на ЕУ, целосно интегрирана во сите евроатлантски институции и се надевам дека ќе има улога во обликувањето на иднината на Европа. Овие процеси се комплементарни, бидејќи целите се исти. Идејата на Стратешкиот дијалог е да се најдат други начини да се одржи разговорот, кој можеби ќе произведе нови идеи и нова енергија“, изјави Кејт Мери Брнз – амбасадорка на САД.
Според поранешниот амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски, Стратешкиот дијалог не може да е замена за евроинтеграциите и додава дека вакви политички консултации на високо ниво се само дополнителен начин на зајакнување на билатералните односи помеѓу САД и Македонија во повеќе сфери.
„Дополнително, актуелните предизвици со коишто се соочува и САД и ЕУ, во контекст на руската агресија врз Украина ја наметнуваат потребата од зацврстување на Транс-атлантското партнерство и на билатералното партнерство на САД со државите членки на НАТО од регионот“, рече Васко Наумовски – поранешен амбасадор во САД.
Официјалната делегација во Вашингтон ја предводи шефот на дипломатијата Бујар Османи, придружуван од министрите за одбрана Славјанка Петровска, за економија Крешник Бектеши и за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Дел од делегацијата е и актуелниот државен секретар во МНР, Зоран Попов чие име се споменува за нов амбасадор во САД. Домаќин од американска страна е помошникот државен секретар за европски прашања, Карен Донфрид, која неодамна го посети Скопје.
Лука Андреев