ЕСМ тврди ќе произведе 100% струја за ЕВН Хоум

Државните електрани ќе го обезбедат потребното количество струја на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, но по која цена и за колку зголемена од моменталната, директорот на ЕСМ Васко Ковачевски не сакаше да каже. И покрај енергетската криза која вели дека ќе ја чувствуваме и следнава грејна сезона, граѓаните во Македонија немало да почувствуваат нов ценовен шок.
„Јас сум убеден дека цената која ние ќе ја понудиме на 24 јуни на тендерот на ЕВН Хоум ќе биде 100 отсто испорака на електрична енергија и цена којашто нема да предизвика големи турбуленции или големи поскапувања“, рече Ковачевски.
Експертите пак, не се согласија со формирањето на т.н. тарифни блокови, односно пресметки преку кои оној кој троши повеќе, ќе плаќа повеќе. Долгогодишните професори од областа на енергетиката беа со спротивставени мислења по речиси сите прашања поврзани со новиот начин кој се подготвува за пресметка на потрошената енергија.
„Никогаш не беше кажано дека цената во ниската тарифа ќе биде поголема за 50 отсто. Тоа не е точно. Не беше кажано така“, рече Рубин Талески, универзитетски професор.
„Само нека каже дали не е 50 отсто покачување на ноќна тарифа кога односот дневна – ноќна 1 спроти 1-3. Готово…. Ама…. Нема ама!“, рече Константин Димитров основач на МАЦЕФ.
Тоа што е најмногу загрижувачки во делот на енергетската слика на државата е што драстично е намалено домашното производство на електрична енергија во однос на периодот пред 10 години. Ако тогаш во земјава увезената струја изнесувала 10 отсто од потребното количество за задоволување на потребите на потрошувачите, сега во некои делови од годината увозот надминува и 40 отсто.
Иле Петревски