Бектеши: Топлинската енергија може да се додели на Град Скопје

Од Владата денеска без конкретен одговор, кој ќе го превземе работењето на Балкан Енерџи Груп. Од Илинденска број два за Алсат велат дека прво ќе чекаат да ги извести регулаторот дека отворена е постапка за одземање на лиценците, па потоа ќе реагираат.
„Граѓаните треба да бидат сигурни дека ќе имаат непречено снабдување со топлинска енергија во следната грејна сезона“, наведуваат од Владата.
Но, министерот за економија под чиј сектор е енергетиката во земјава вели дека топлинската енергија може да и додели да ја менаџира градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, бидејќи вели дека тоа било нејзино барање.
„Ако се заинтересирани секако дека наш интерес е првично да им ја дадеме топлинската енергија, согласно закон тоа што имаат обврска да го завршат. Ако немаат можност, ако немаат капацитет, ние ќе објавиме или тендер или преку ЕСМ ќе ја преземеме целосната дистрибуција снабдување и производство на топлинска енергија“, рече Крешник Бектеши, министер за економија.
Градоначалничката на град Скопје пак, Данела Арсовска, вели дека ќе ги разгледа сите опции кои се во корист на граѓаните, но смета дека за ова прашање треба централната власт да реагира.
„Ова е проблем кој што навистина е голем и ги надминува можностите на буџетите кои локалната самоуправа ги има“, рече Арсовска.
Алсат не доби конкретен одговор од БЕГ, која е точната причина за ваквата одлука на регулаторот. Дали компанијата има финансиските проблеми и колкав е долгот на компанијата?
„Причина за постапката за одземање на лиценците е заради крајно нарушената финансиска ликвидност на компаниите како последица на енергетската криза која сѐ уште е во тек“, наведуваат од БЕГ.
Вчера претседателот на Регулаторна Марко Бислимовски изјави дека тече постапката за одземање на трите лиценци за работа на БЕГ. Бислимовски посочи дека најдобро би било бизнисот со топлинска енергија да го преземе Владата, односно некое јавно претпријатие.
Иле Петревски