Непрописното паркирање во Тетово, кошмар за пожарникарите и брзата помош

Паркирањето на автомобилите во веќе тесните улици во внатрешните градски населби на Тетово станаа секојдневен проблем за пожарникарите. Во случаи кога стигнувањето на време понекогаш значи живот или смрт или целосно уништување на имотите, непрописното паркирање никако да се реши.
Паркирањето на автомобили од несовесни возачи ни прави многу проблеми. Автомобил што ни го блокира патот додека одиме на интервенција нè чини многу, дури некаде нè чини и човечки живот.
Не само пожарникарите, со истиот проблем се соочува и брзата помош.
Имаме многу проблеми со оние кои ги оставаат автомобилите на улица. Не можеме да влеземе во секоја уличка бидејќи оставаат автомобили. Возиме максимално брзо за да стигнеме, но на многу места не можеме да стигнеме на време. Некој го оставил автомобилот на улица и влегол во продавница или во кафуле. Имаме многу вакви проблеми и често не стигнуваме на време.
Токму поради ваквите паркирања кои го спречуваат слободното движење низ улиците, пожарникарите не можеа да стигнат до куќата што ја гледате зад мене пред две години кога избувна пожар и како резултат на тоа загина мајка со своите деца.
Само оваа година од средината на јануари до октомври, тетовските пожарникари регистрирале 511 интервенции во станбени објекти и на отворени предели.
Башким Сулејмани