ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Макрон: Најден е компромис меѓу Скопје и Софија!

Макрон: Најден е компромис меѓу Скопје и Софија!

Убеден сум дека пронајдовме компромисно решение меѓу Бугарија и Северна Македонија, рече францускиот претседател Емануел Макрон, на Самитот на НАТО во Мадрид.

Advertisements

Според него во вторникот бил направен прогрес во насока на изнаоѓање решение меѓу двете земји, со што практично и би започнале преговорите за членство во Унијата со Македонија и Албанија.

“Можам да кажам дека е пронајден компромис, кој ја запазува сензитивноста на двете страни и верувам дека е прифатлив за сите. Во следните денови двете страни ова ќе го потврдат. Бугарскиот претседател и премиер веќе го поддржаа францускиот предлог и ќе има консултации во наредните денови во Скопје. Ова решение носи безбедност, стабилност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото“, рече Емануел Макрон – претседател на Франција.

Од Владата соопштија дека кај нив и официјално пристигнал предлог со идеи кои се однесуваат на jaвно изнесените позиции и ставови на македонските власти. Премиерот Димитар Ковачевски, на својот фејсбук профил, напиша дека при изготвувањето на предлогот „се земени предвид нашите позиции и барања“.

“Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со Претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата. Како што ветивме, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани.“, рекоа од Влада.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, во изјава за Сител, рече дека овој модификуван француски предлог, за нас е далеку подобар од претходниот.

“На две-три места во предлогот има модификации кои тие ги направија во консултација со двете страни. Мораме тоа што е сега модификуван француски предлог да го искомуницираме, се разбира прво во Владата, коалициските партнери да си го искомуницираат, мора да се искомуницира со македонската јавност и мора да се искомуницира со македонскиот Парламент“, изјави Стево Пендаровски – претседател.

Но, засега ниту Владата, ниту претседателот не открија детали од текстот на модификуваниот предлог.
По објавувањето на првичната верзија на планот од Париз, Скопје инсистираше на чиста формулација за македонскиот јазик во преговарачката рамка и јасна заштита на македонскиот идентитет, исклучување на историските прашања од преговарачката рамка и почеток на пристапните преговори пред да започне процесот на уставни измени за внесување на Бугарите во Преамбулата.

Според пишувањата на дел од медиумите, во новата верзија на предлогот има измени, со кои историските прашања и билатералниот Протокол наводно не се дел од преговарачката рамка и е целосно заштитен македонскиот јазик./Alsat.mk

Лука Андреев

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button