
Убавото растение под името циклама повеќе цвета во мали саксии, а кога корените значително ќе пораснат и нема да има доволно простор во малата саксија, тогаш е соодветно време да го пресадите…
Цикламата е омилено собно цвеќе на многу љубители на цвеќињата, бидејќи го разубавува домот од ноември месец па се до април, а понекогаш и јуни. Успешното чување и негување на овој цвет започнува од моментот на купување, затоа одберете цвет со убави и здрави листови како и со многу пупки.
Овој цвет има потреба од светлина, но не и силно сонце, најдобро место за чување би било покрај прозорецот. Ако ова растение го ставите на место каде што не продира многу светлина, неговите листови веднаш ќе пожолтат, а цветот ќе снема живот. Цикламата сака простории каде што светлината комплетно е присутна и температурата не е повеќе од 20 степени. Најдобро расте на собна температура од 18 степени.
Додека цикламата расте и цвета, доволно е полевање два пати во неделата, а во топла соба почесто. Кога цветот е во мирување на студено место, доволно е полевање еднаш во неделата. Ако посакате и балконот да го украсите со циклама, тогаш потребно е да внимавате во случај на дожд, ако водата од дождот се задржи во саксијата, тогаш цветот ќе овене.
Цикламата има потреба од влажен воздух. Тешко е овој цвет да го одгледувате во станови со централно греење поради релативно ниската влажност на воздухот. За време на растењето и цветањето при полевање со вода, потребно е дополнително да додавате минерално ѓубриво еднаш до двапати неделно.
Цикламата се размножува со семе или пак со разделување на старите билки. Се ресадуваат младите циклами кои се израснати од семе или се преполовуваат старите цветови-билки во мали саксии, бидејќи цикламата повеќе цвета во мали саксии. За младите билки потребно е да земете поголема саксија, а за старите иста големина.
На цикламата и одговара што полесно и похранливо земјиште. Прашината од листовите на овој цвет е препорачиливо да ја отстранувате секојдневно со сува и мека крпа. Не се препорачува користење на сјај за листовите. Овенатите листови може само да ги скинете.
Кога цикламата ќе престане со цветање следува период на мирување. Саксијата потребно е да се премести во поладна просторија, помалку да се наводнува и прехранува со земјиште. Кога негата на цикламата е правилна, тогаш ова растение може да трае и неколку години.