Анализа на Факултетот за безбедност – Системот за управување со кризи е неефикасен

Системот за управување со кризи, заштита и спасување е неефикасен, недостига институционална „одговорност“ , нема надлежна координација во системот, има делумна партизација во рамката, а забележана е и депрофесионализација. Ова се дел од наодите од анализата на Факултетот за безбедност во Скопје.
Универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски истакна дека покрај потребата од воведување на закон за вонредна состојба, потребно е и „спојување“ на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување во едно тело.
Но, директорите на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување, иако се согласуваат дека системот не е доволно функционален, нагласуваат дека работат на поголема ефикасност во работата.
Беким Максути од Дирекцијата за заштита и спасување упати критики за невклучување на претставници на ДЗС и ЦУК во оваа анализа.
Деканот на факултетот Никола Дујовски смета дека во однос на справувањето со пожарите, институциите сега се подобро подготвени од лани.
Надлежните ги повикаа претставниците на локалната самоуправа да ги искористат сите ресурси што ги имаат пред да побараат помош од државата во случај на евентуален пожар.
Ајнур Бафќари