Утре прва меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ

Денеска и утре владиниот кабинет предводен од премиерот Димитар Ковачевски, ќе престојува во Брисел. Во вторник, ќе се одржи првата меѓувладина политичка конференција, а премиерот Ковачевски ќе ја прочита воведната изјава на преговорите. Европскиот совет однапред ќе ги официјализира условите, за втората меѓувладина конференција што следи по скринингот и уставните измени.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кога го објави протоколот потпишан вчера во Софија со неговата бугарска колешка, рече дека постигнатиот компромис со Бугарија е 3 спрема 1 во корист на Северна Македонија. Според него, Македонија успеала да ги добие трите услови кои и биле важни: македонскиот јазик е со чиста формуалција, историските прашања не се услов за отворање и затворање на поглавја и итен старт на преговорите. Османи рече дека од утре почнува броењето на деновите до членството.
„Во вторник не само што ќе почнат преговорите, не само што ќе биде првата меѓувладина конференција, воведното излагање, туку истиот ден ќе почне скринингот. Од тој момент почнуваме да ги броиме деновите до членството. Од тој момент, експерти од ЕУ почнуваат да влегуваат во нашите институции, да го вршат скринингот“, рече Османи.
Протоколот предвидува дека фазата на отворање на преговорите е завршена со уставните измени. За историските прашања, страните се должни да ги објават наодите на мултидисциплинарната комисија составена од експерти за историски и образовни прашања. Страните се охрабруваат да го разгледаат и учебникот за 7мо одделение по историја во лекцијата во која се зборува и за „Самоилоска држава“, а измени ќе се прават согласно препораките на комисијата. Комисијата ќе одржува по 8-10 годишни состаноци.. Во делот за говорот на омраза, Османи рече дека протоколот не предвидува цензура, туку казнување за говор на омраза согласно Кривичниот законик на државата. Шефот на дипломатијата рече дека Северна Македонија треба да ги отвори архивите по индивидуално барање на бугарските граѓани, постапка што официјална Софија веќе ја има направено.
„Бугарија ги отвори архивите и со овој протокол се обврзува да продолжи да ги држи отворени, за сите да имаат пристап до досиејата од периодот 1945 година -1991 година. Северна Македонија со домашното законодавство дозволува пристап само за научно истражување, но не и за индивидуални потреби на луѓето да ги видат членовите на нивните семејства, нивните лични досиеја. Досега нашата Архива двапати за период од 1 година ги отвораше архивите, но временски ги ограничуваше. Со овој протокол, како што овозможи Бугарија, пристап ќе овозможи и Северна Македонија“, додаде Османи.
Со потпишувањето на протоколот, Бугарија гарантира дека ќе се согласи со имплементација на предлогот на француското претседателство со Советот на ЕУ до 20 јуни, за одобрување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција за започнување и завршување на фазата за отворање на преговорите, за Северна Македонија со ЕУ.
Адријан Керими