ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Македонија ги почна пристапните преговори со Европската унија

После 17 години чекање, Северна Македонија конечно ги отвора вратите кон ЕУ. Денеска се одржа првата меѓувладина политичка конференција, додека отворањето на поглавјата ќе се случи дури по одобрувањето на уставните измени што ги бара Република Бугарија.

Advertisements

Говорот на претставникот на Република Чешка, која претседава со Советот на ЕУ, беше пречекан со аплауз.

Премиерот Димитар Ковачевски рече дека овој ден е историски, за него е направено многу и се донесени болни одлуки, а за тоа се заслужни граѓаните со нивното трпение.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон Дер Лајен истакна дека земјата го заслужила почетокот на преговорите благодарение на спроведените реформи, владеењето на правото и покажаната храброст кон стратешкото партнерство токму во моментот кога европската безбедност, а не само таа се под закана на руска агресија. Таа нагласи дека Договорот за ФРОНТЕКС е на македонски јазик, со кој се дава до знаење признавањето на македонскиот јазик на ниво на унијата.

„Ова е историски момент. Покажавте многу посветеност на нашите вредности, имавте верба во процесот, го спроведувавте владеењето на правото, имате слободен ум, направивте многу реформи, ја модернизиравте вашата економија, ги направивте сите овие промени не само таму каде што се задолжителни, туку затоа што се добри за вашата земја и даваат подобар квалитет на живот. Покажавте толку многу лидерство и визија, стратешко трпение во големи количини и во овие времиња на големи предизвици на брутална руска агресија, го покажавте вашето обединување со европските вредности како вистински партнери“, рече Урсула фон Дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Високиот претставник на ЕУ, Оливер Вархеји, ја поздрави одлуката на Владата за да го консултира Собранието за францускиот предлог. Тој рече дека ваквите демократски постапки се единствениот пат кој ја води Европа напред.

„Гласањето во Собранието во саботата беше одлучувачки чекор. Знам дека не беше лесно, но вие го избравте најдемократскиот процес, побаравте од Собранието и тоа јасно се покажа. Народните избраници јасно покажаа дека сакаат ова да продолжи и да се забрза процесот на пристап. И Европа донесе одлука и се согласи со вашето Собрание. Тоа се моментите кои ни се потребни, моменти кои ќе ја движат Европа напред“, рече Вархеји.

Вархеји и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ официјално го започнаа скрининг процесот. Се очекува фазата на скринингот на институциите од европски експерти да трае до две и пол години. Во меѓувреме, бугарските претставници во Советот на ЕУ ја поздравуваат одлуката за отворање на преговорите со Северна Македонија, оценувајќи дека отсега натаму е потребна уште поголема посветеност и ангажман за да има конкретен резултат како што даде резултат францускиот предлог. Писмото на претставниците од Софија до ЕУ се затвора со порака за двете земји: Бугарија ќе ја поддржи интеграцијата на Северна Македонија и Албанија во Европската Унија.

Адријан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button