Властите уверуваат дека активно работат, но не соопштија како ќе се надмине енергетската криза

По подолг период ресорните министри за економија се појавија во јавноста и наместо да понудат програми и решенија за излез од кризата предизвикана од растот на цените, тие не кажаа ништо. Властите уверуваат дека активно работат, но не соопштија како ќе се надмине енергетската криза, сметаат дека немаат моќ да интервенираат во цените на прехранбените производи, а мерки за стопанството засега е рано.
„Расходите за поддршка на кризата и развојните проекти беа главната заложба на владата кога се предложи овој ребаланс на буџетот пред пратениците“, рече Фатмир Бесими, министер за финансии.
Со ребалансот на буџетот кој се донесе вчера во собранието се резервирани 76 милиони евра пари за надминување на енергетската криза и борба против инфлацијата. Како ќе бидат и за што ќе се наменат овие пари засега не се знае. Бесими се обиде да објасни дека владата обезбедила пари за субвенции за земјоделците, повеќе пари за социјални трансфери, помош за ранливите категории, и ред други тековни активности на владата. Во меѓувреме расте стапката на инфлација. Официјалните податоци на Државниот завод за статистика во јуни измерија рекордни 14,5 отсто. Загрижувачки е тоа што дел од експертите веќе изјавија дека овие бројки се само на хартија, додека во реалноста таа изнесува над 20 отсто.
Иле Петревски