Стејт департмент: Македонските влaсти повеќе да се ангажираат во спречување на трговијата со луѓе

Владата на Северна Македонија не ги исполнува до крај минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе, но прави значајни напори во таа насока, се вели во годинашниот Извештај за спречување на трговијата со луѓе, што синоќа го објави американскиот Стејт департмент. Според тој извештај, Северна Македонија се наоѓа на второ ниво заедно со осумдесетина земји од светот, меѓу кои се и Албанија, Хрватска, Грција, Унгарија, Италија.
За споредба, во погорното, ниво број 1, се наоѓаат САД, Канада, Франција, САД, Финска, каде напорите за спречување на трговијата со луѓе се значајно повисоки. Во извештајот за 2021 година, се наведува дека македонските власти презеле напори за судска разрешница на повеќе случаи и развиле пристап што е ориентиран кон посттрауматска заштита на жртвите и децата од трговијата со луѓе. Сепак, се додава дека стандардите во повеќе клучни области не се исполнети.
Во текстот се наведува дека Јавното обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, немало доволно ресурси, персонал и дигитални можности за менаџирање за да се справи со сите случаи во негова надлежност. Критика се упатува и за недоволното финансирање за потребните полициски тимови. Во документот, на македонските власти им се препорачува да спроведат построги истраги, да ги гонат и осудат осомничените трговци со луѓе, како и да не се заобиколуваат и официјалните лица за кои има сомнежи за соучество.
Стејт департментот препорачува и построги и подолги затворски казни. Во однос на регистрираните случаи, во 2021 биле идентификувани 48 жртви на трговија со луѓе, што многу повеќе во однос на претходната, 2020 година, кога биле регистрирани седум жртви. Од тие 48 лица, четириесет биле изложени на принудна работа, две лица биле принудувани на сексуални услуги, две за сексуални услуги и за принудна работа. Четири од откриените случаи, пак, биле жртви на принудна работа преку брак од изнуда. Од нив, 36 биле жени.