Пожарот во Берово се гаснеше со Ер-трактор

Од воздух и од земја, противпожарните единици продолжуваат со напорите за гаснење на пожарот кај Берово. Пожарот изгоре речиси 50 хектари шумска површина. За гаснење на пожарите во раните утрински часови бил ангажиран полициски хеликоптер кој, како што велат од Центарот за управување со кризи, одиграл важна улога во гаснењето на пожарот. Бил вклучен и авионот „Ер Трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, вели дека пожарот ќе биде ставен под целосна контрола, најрано утре.
Градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекески изјави дека населените зони не се загрозени од пожарот. Вели дека денеска во гаснењето на пожарот се ангажирани противпожарни единици од Струмица, Делчево, Кочани, Виница, Пехчево како и доброволци.
Гори шума на границата со селата Митрашинци и Будинарци. Овој простор е пошумен со дабово и буково дрво, но според институциите, најголемите дрвја ќе ги преживеат пламените јазици, бидејќи во пожарот најмногу изгореле грмушки, трева и помали дрва.
Еви Шкопи