Македонски дипломатски синдикат: МНР не ги почитува препораките на Владата

Македонскиот дипломатски синдикат реагира, на како што велат оттаму, непочитување на две препораки на Владата за ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се – бремените жени и хронично болни лица.
-Првата препорака се однесува на периодот 21-24 јули и целосно не беше испочитувана. Со втората препорака овој период беше пролонгиран до 27 јули. МНР само делумно ја испочитува втората препорака на Владата и ги ослободи ранливите категории од обврска за доаѓање на работа само на 26 и 27 јули оваа година, велат од Синдикатот.
Додаваат дека се обратиле до министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговите соработници уште на 1 јули со молба да се имаат предвид временските услови и жештини карактеристични за овој период и да се обезбеди соодветна заштита или ослободување од работа на ранливите категории вработени, како што се бремените жени, хроничните болни, вработените над 60-годишна страрост.
-За жал, не само што барањата на МДС упорно не се земаат предвид, туку не се почитуваат ниту препораките на Владата. Не разбираме од каде ваква нехуманост и непрофесионализам? Не толку одамна, нас не напушти драг колега поради ненавремени и несоодветни мерки за заштита од КОВИД 19. Дали треба колешки и колеги да почнат да паѓаат по скали за да МНР ја разбере својата одговорност за здравјето на вработените во работно време?, велат од Синдикатот.
Оттаму додаваат дека ќе продолжат да се борат за, како што нагласуваат, добробит на сите вработени на полето на економски, социјални, здравствени и професионални права.