Маричиќ: Правото на ЕУ преведено на македонски јазик официјално во Службениот весник на Унијата

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска потпиша Рамковна спогодба за превод на европското законодавство на македонски јазик со седум економски оператори.
– Едно од клучните обележја на Европската Унија отсекогаш била нејзината повеќејазичност и ние, со денешното потпишување на оваа Рамковна спогодба, со здружени сили ја докажуваме нашата заложба да придонесеме кон успешно објавување на правото на ЕУ на македонски јазик во Службениот весник на Европската Унија, истакна Маричиќ во обраќањето по повод потпишувањето на рамковната спогодба за превод.
Правото на ЕУ претставува инструмент за успешна интеграција, но неговото усвојување е услов, а не предмет на преговарање со Унијата. Оттука, преводот на правото на ЕУ претставува наша обврска која мора да биде извршена со највисок квалитет и да се одвива континуирано. Македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на Унијата кога нашата држава ќе стане нејзина полноправна членка. Преводот на правните акти на ЕУ мора да соодветствува со стандардите на македонскиот јазик, а сепак да го одразува духот на евро-жаргонот, со што ќе се обезбеди збогатување, но и заштита на самиот јазик, а тоа бара интензивна работа, особено во годините што доаѓаат.