Касами: Пронајдени извршени предмети за кои не се известени сопствениците

Првиот човек на општина Тетово, Билал Касами, го обвини претходниот состав на општината за коруптивни здели во областа на урбанизмот. Според него, пронајдени се околу 70 предмети за легализација, кои се спроведуваат повеќе од десет години, а сопствениците на легализираните објекти никогаш не биле повикани да ги земат решенијата.
„67 правосилни решенија завршени многу порано, се чуваат во фиока и не се доставени до граѓаните. Затоа, ова не може поинаку да се нарече, освен уште еднаш да се докаже како од коруптивни причини минатото раководство ги држеше во заложништво тетовци“, рече Касами.
Касами рече дека во меѓувреме се обработени над 3.500 предмети што останале од 2011 година, а 97 од овие случаи и натаму се спорни.
По извршената анализа, Касами најави уривање на овие објекти, од кои некои се локали и викендички во Попова Шапка.
„Ќе се бара од инвеститорите сами да ги отстранат, во спротивно постапката ќе продолжи согласно Законот. Сите објекти во Попова Шапка што се за легализација ќе одат на Совет бидејќи така налага процедурата. Изјавите кои ги даваат дека повеќе од 20 години ги користат просторите што ги имаат, не може да го констатираме како општина“, додаде Касами.
Во меѓувреме, 2.152 предмети немаат документација и тие ќе бидат објавени и на веб-страницата на општината, со цел да се информираат сопствениците за пополнување на документите за продолжување на постапките.
Башким Сулејмани