Нема мерки за намалување нa корупцијата во урбанизмот
Нема мерки за намалување нa корупцијата во урбанизмот

Мерките што ги преземаат централните и локалните институции за надминување на ризикот од корупција во урбанизмот, просторното планирање и градежништвото, не го следат темпото на препораките за намалување на корупцијата во овие сектори. Препораките беа креирани на средби со централната власт, Комисијата за спречување на корупцијата и Министерството за транспорт и врски. Истражувањето на „Транспаренси Интернешанел“ за месеците април-јуни годинава покажува дека нема поместување од состојбите во првите три месеци, не се направени потребните законски измени и дополнувања, ингеренциите на некои институции не се дефинирани, нема транспарентност и нема меѓуинституционална соработка.
„Нема значителна активност од препораките кои се однесуваат на донесување на нови законски решенија, или измени во постојните законски прописи, со кој би се намалил ризикот од корупцијата. Големите дискрециони овластувања на локалната власт, недостиг на добро формулирани законски одредби, судир на законските одредби како и различното толкување на законските норми од една страна, но и честото менување на законите од друга страна, создава ризик од зголемување на корупција и судир на интереси“, велат од „Транспаренси Интернешанел“.
Секторот за урбанизам и другите институции за урбанизам и градежништво ги користат дупките кои произлегуваат од честото менување на законите и нивната неусогласеност со подзаконските акти. Учеството на граѓаните во спроведувањето на овие закони не се почитува. Истражувањето нуди предлози за поефикасно спроведување на препораките.
„Транспаренси Интернешанел“
– надлежните институции треба да продолжат и да се заложат заедно и координирано да работат на делотворно спроведување на препораките… Mожат да се изготват акциски планови и да се создадат работни групи…
– Органите на извршната и на локалната власт… потребно е да бидат поактивни со цел да се намали ризикот од корупција,
– Намалување на дискреционата моќ на локалната власт и како и да функционален државен механизам кој ќе има волја да ја намалува корупцијата, зголемување на транспарентноста преку активно учество на јавноста од една страна, но и соработката со ДКСК…
Меѓу препораките се измени и дополнувања на Законот за градење и Законот за градежно земјиште, како и започнатите измени на Законот за урбанистичко планирање кои останаа во електронскиот систем за дебата. Досега ниту еден од нив не е променет. Проектот „Пресметување на влијанието на корупцијата во државните и локалните институции за просторно планирање, урбанизам и градежништво“ ќе продолжи и понатаму.
Фатлуме Дервиши