ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Договор: Цар Самоил владеел со Бугарско царство во Македонија

Македонските и бугарските историчари од Мешовитата комисија пронашле фактографски грешки, пропусти и неосновани историографски сугестии за античкиот период, во учебниците за историја за шесто одделение кај нас, односно петти клас во Бугарија. Историчарите денеска за првпат ги споделија постигнатите резултати од својата работа, објавувајќи ги усогласените препораки за измени во учебниците во двете земји. Скопје ќе треба да ги прецизира картите на античката македонска држава, повеќе да ги застапи Тракијците и нивната култура, како и да обрне внимание во претставата за современата македонска држава и античката Македонија. Од друга страна пак, Софија ќе треба да го користи терминот „денешни бугарски земји“ или „територијата на современа Бугарија“, наместо само изразот „бугарски земји“. Според историчарот Драги Ѓоргиев, овие препораки не допираат во идентитетските прашања.

Advertisements

„Се менуваат работи кај кои има недоразбирање и кои можат да придонесат за нарушување на односите меѓу двата народа и двете држави, но исто така, кои можат кај младите генерации да предизвикуваат тензии и омраза. Во таа смисла, Комисијата работи на надминување на тие места во учебниците“, рече Ѓоргиев.
Историчарите велат дека само препорачале што да се промени, а сега топката е во рацете на Владата, образовните власти, но и авторите на учебници.

Инаку, сега веќе јавно достапни се и усогласените текстови со кои Македонија и Бугарија се очекува заеднички да ги чествуваат просветителите Кирил и Методиј, Климент и Наум, како и цар Самоил. Во текстовите за петтемина историски личности, се споменува дека тие твореле во периодот на средновековната бугарска држава, но и на територија на денешна Република Северна Македонија.

„Цар Самоил е владетел на голема средновековна држава, којашто поголемиот дел од современата историска наука ја смета за Бугарско царство со центар во територијата на денешна Република Северна Македонија. Тоа опфаќа значителен дел од земјите и населението на Балканскиот Полуостров. Цар Самоил и неговата драматична судбина се симбол на заедничката историја којашто се споделува од двете современи држави Република Северна Македонија и Република Бугарија“, пишува во препораката за Цар Самоил.

„Се трудевме во тој контекст, текстовите да имаат и малку поширок, порегионален аспект, затоа што сите тие личности овозможуваат да бидат дел од заеднички чествувања, не само на Македонија и Бугарија, туку и на ред други земји, словенски земји“, рече Ѓоргиев.

Овие препораки историчарите ги усогласија уште во 2019-тата, а само еден месец подоцна истата година Владата ги усвои, но сепак се објавени сега, по потпишувањето на билатералниот протокол меѓу министрите Бујар Османи и Теодора Генчовска. Ѓоргиев открива дека сега веќе четврта година со бугарските колеги работат на текстовите за учебниците за Средниот век и очекува најтежок да биде процесот кога на маса ќе се постави периодот од Илинденското востание.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button