ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Чешкиот амбасадор оптимист, членство во ЕУ до 2030 година

Чешкиот амбасадор оптимист, членство во ЕУ до 2030 година

Македонија може да се зачлени во Европската Унија во 2030-тата година, прогнозира чешкиот амбасадор во земјава, Јарослав Лудва. Чешка во моментов претседава со Унијата и како што вели амбасадорот во интервју за МИА, Прага ќе биде силен поддржувач на зачленувањето на земјава.

Advertisements

„Денес имаме нова геополитичка ситуација и мислам дека сите сме свесни дека Западен Балкан треба да биде во ЕУ. Се разбира, Западен Балкан треба да биде подготвен, без сомнение, но постапката треба да биде непречена со оглед на геополитичката ситуација. Западен Балкан треба да биде во Европа. Затоа мислам дека 2030 година, ако сè оди без проблем, остварливо е“, рече Јарослав Лудва – амбасадор на Чешка.

Амбасадорот сподели дека на Чешка ѝ биле потребни осум години од почетокот на преговорите до зачленувањето. Сепак, таков не е случајот со земјите од Западен Балкан. Србија преговара веќе девет години и успеала да затвори само две поглавја, додека за Црна Гора процесот трае десетта година, а затворени се три преговарачки поглавја. За членството на Западен Балкан досега само грчкиот премиер Киријакос Мицотакис постави рок – 2033-тата година. Според него важно е да се определи одреден временски лимит за завршување на присоединувачкиот процес на регионот. Сепак, бриселските челници, барем во случајот за Македонија, не лицитираа со датуми и кажаа дека преговорите се долг процес.
Домашните политичари пак, споделија многу оптимистични прогнози иако на Македонија ѝ претстои скрининг, како и уставни измени за внес на Бугарите, за воопшто да ги отвори поглавјата.

Премиерот Димитар Ковачевски верува дека граѓаните и Собранието ќе овозможат најбрзо интегрирање во Европската Унија. Чекор подалеку отиде коалицискиот партнер Али Ахмети. Според првиот човек на ДУИ, пет години нè делат од членството во Унијата, односно тоа би се случило во 2027 година. Прашан на што се темели овој оптимизам, вицепремиерот Бојан Маричиќ неодамна одговори дека Македонија работела и не губела време додека била во чекалницата. Тој рече дека актуелната рамка на Брисел за претпристапна помош завршува во 2027 година, а Скопје планира да не се најде во плановите за наредната претпристапна рамка, туку да биде дел од првото наредно проширување на Унијата и да ги користи фондовите за земјите-членки./Alsat.mk

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button