Трошењето општински пари во Струга – култура за лошо владеење
Трошењето општински пари во Струга - култура за лошо владеење

Универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети го оценува како пример за лошо владеење начинот на трошењето на народните пари во општина Струга. Речиси 80.000 евра за подароци, ручеци и вечери по ресторани за градоначалникот Мерко, општинскиот совет и локалната администрација се предвидени со буџетот на Струга за оваа година. Од нив, речиси 48.000 евра му се на располагање исклучиво на Мерко.
„Тоа е на некој начин култура на владеење. Не добро владеење, да не речам лошо владеење. И тоа не може да се стопира. Се смета како стекнато право, се смета како самосталност на локалните самоуправи да управуваат со своите буџети. И вие повикувате на свест. Таа свест не се креира со апел и со повик…“,рече Абдулменаф Беџети-професор.
Беџети е скептичен дека работите може да се променат во брзо време.
„Сега не можете одеднаш да барате дисциплинирање на одредени луѓе коишто веќе се навикнати во владеењето и тоа станува практика. Јас лично не очекувам дека ќе има подобрување во тој дел…“, додаде тој.
Нури Бајрами од Антикорупциската комисија вели дека градоначалникот има право да го предложи и да го извршува буџетот, кој го донесува советот со мнозинство гласови.
„Ова му го овозможил Советот, исто како и законите. Со мнозинство гласови беше изгласана одлука и за набавка на колите. Останува советот да биде коректор и да ги казни тие градоначалници кои трошат толку средства….“, рече Нури Бајрами, Член на Антикорупциска комисија.
Инаку за четири години, Мерко за подароци, ручеци и вечери потрошил речиси 140.000 евра. Во март годинава, Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет за високите суми кои некои јавни претпријатија во Струга ги плаќаат за месечни кирии. „Водовод и канализација“ плаќа 3.170 евра месечно, а паркинзите „Еко Струга“, според опозицијата, за простор од 65 квадрати, плаќа по 2.000 евра месечно./Alsat.mk
Мики Трајковски