Познато кога ќе почне судењето за пожарот во модуларната болница

Една година по пожарот во модуларната болница во Тетово конечно ќе започне и судскиот процес за утврдување евентуална вина кај надлежните. Судот во Тетово го закажа првото рочиште за предметот за шести септември, откако претходно Обвинителството реши да гони три физички лица, но и Клиничката болница во градот како правно лице за трагичниот настан. АКМИС системот за распределба на предмети одлучи правдата да ја дели судијата Јордан Велковски. На шести наредниов месец на обвинителната клупа се очекува да седнат поранешните директори на Клиниката, генералниот Флорин Бесими и економскиот Артан Етеми, како и дежурниот лекар од кобната ноќ . Двајцата директори поднесоа оставки два дена по трагедијата.
„Со предметот поврзан со модуларната болница во Тетово по поднесен обвинителен предлог од страна на ОЈО Тетово со бр. КО 531/22 со кој се обвинети Ф.Б, и А.Е за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ и Б.В. за кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, додека правно лице ЈЗУ Клиничка Болница Тетово за кривични дела „предизвикување на општа опасност“ и „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“ е распределен кај судија од Кривичниот оддел“, наведуваат од Основниот суд во Тетово. За делата за кои се гонат, Кривичниот законик предвидува и затворски и парични казни.
Инаку, овој случај го работеа четворица обвинители, а вештачење на инсталацијата во објектот направија и германски експерти. Обвинението беше поднесено по девет месеци истрага, а за време на предистражната постапка беа сослушани над 30 лекари и медицински сестри. Собрани биле и сведоштва од очевидци и од членови на семејствата на загинатите. Првичниот извештај на МВР од октомври минатата година, констатира дека пожарот во модуларната болница избувнал од продолжен кабел како последица од електрична куса врска, а на него бил поврзан дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациентка.
Пожарот избувна ноќта на 8 септември минатата година, а загинаа 14 лица – 12 пациенти и двајца роднини, кои се грижеле за блиските во објектот на модуларната болница. Роднини на настраданите претходно за Алсат истакнаа дека доколку не добијат правична разврска на случајот, правдата ќе ја бараат пред судот во Стразбур.
Лука Андреев