Тетово, разговори за новото мнозинство во советот

Откако Движењето БЕСА освои најголем број советници во Тетово, следува формирањето на мнозинството во Советот. Од партијата на Билал Касами не откриваат детали дали почнале разговори со други партии за коалиција. Портпаролот на Партијата Фарук Авдиу вели дека деновиве се очекува да се конституира Советот на општината и потоа да се разговара за коалиции за мнозинството.
„Очекуваме да започне процесот на конституирање на новиот состав на Советот на општината. Тогаш многу брзо ќе има заокружување на процесот на создавање на новото мнозинство. Ние како Движење БЕСА се стремиме кон стабилно мнозинство кое ќе ги поддржи проектите кои штотуку започнаа и оние проекти што ги ветивме во предизборната кампања“, рече Фарук Авдиу – Движење БЕСА.
Но, од ВМРО-ДПМНЕ, која доби повеќе советници од македонските партии, велат дека се во постојан контакт со Движењето БЕСА за да се санира хаосот што го направија поранешните градоначалници на општината.
Доколку Движењето БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ постигнат договор за коалиција, ќе имаат доволен број советници за да формираат мнозинство во Советот на општина Тетово, бидејќи заеднички ќе имаат 16 мандати, од вкупно 31. На изборите за Советот на општината во општина Тетово, кои се одржаа на 20 август, најмногу советници освои Движењето БЕСА 12, ДУИ 11 советници, ВМРО-ДПМНЕ 4, СДСМ 2, додека ДПА и Алтернатива по еден советник. Алијанса за Албанците, листата „Подобро за Тетово“ и партијата „Левица“ не успеаја да добијат доволно гласови за да обезбедат мандати во Советот на општината.
Мефаил Исмаил