Неделна ковид-статистика: Опаѓа бројот на новозаразените и на хоспитализираните, вакцинацијата без промени

Во текот на изминатата недела (од 15 до 21 август) регистрирани се вкупно 2 686 нови позитивни случаи на ковид-19 во 34 града во земјава, што е намалување од 22,7 проценти во однос на претходната недела, покажуваат податоците од неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.
Најголем број од регистрираните случаи, како и досега, се од Скопје, а највисока инциденца е регистрирана во Делчево, Кавадарци, Гевгелија, Пехчево, Охрид, Неготино, Берово и Кратово.
Согласно податоците од ИЈЗ, најзастапена е возрасната група на лица над 60 години. Во однос на претходната недела, регистрирано е намалување кај сите возрасни групи со најзабележително намалување од 36,3 отсто во возрасната група 10-19 години.
Оздравени се 3 197 лица или 14,6 проценти помалку во споредба со претходната недела. Пријавени се 20 смртни случаи, најголем број од Охрид – 5.
Во текот на минатата недела се хоспитализирани 28 лица, а моментално во болниците се лекуваат вкупно 125 ковид-пациенти, 37,2 отсто помалку во споредба со претходната седмица. Од нив 45 се на кислородна поддршка, а еден пациент е на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.