Предупредување од УХМР – Пороен дожд и грмежи попладне и вечер

Попладне денеска, во вечерните и ноќните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има појава на невреме со пообилен дожд за кратко време, силни електрични празнења, силен ветер и услови за појава на град.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, доцна попладне и во вечерните часови нестабилно со пороен дожд и грмежи ќе биде и во Скопје. Во делови од Скопската Котлина ќе има услови за краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и електрични празнења.
Максималната температура во земјава ќе биде во интервал од 24 до 30 степени, а во главниот град температурата ќе достигне 28 степени.
– И во следните денови до сабота ќе продолжи периодот на нестабилно време. Претпладне ќе има сончеви периоди, а во попладневните и вечерните часови наместа со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силни електрични празнења, силен ветер и појава на град, соопшти УХМР.