Милошоски не го коментира повикот на Османи

„Немам коментар“ – вели Антонијо Милошоски, претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика, откако вчера министерот Бујар Османи го повика да закаже седница за сослушување кандидати за амбасадори. Дали и кога тоа ќе го стори останува енигма. Сослушувањето е последен чекор во процедурата за испраќање амбасадори во странство, но не е задолжителен дел од процедурата. Во Собранието се очекува да ја презентираат својата програма за работа кандидатите за амбасадори во Софија, Виена, Осло, Братислава, Отава и други. Според шефот на дипломатијата одложувањето на овој процес, особено своеволно, непотребно, и без пристојно образложение, претставува длабок политички хендикеп за надворешната политика.
„Незакажувањето на седницата на Комисијата за надворешни работи при Собранието на Република Северна Македонија, претставува флагрантна, можам да кажам дрска злоупотреба и на деловникот за работа на Комисијата и воопшто на Учеството на Собранието како посебно тело во надворешната политика“, вели Османи.
По тактизирање од подолг период, Милошоски конечно ја закажа седницата на 26 јули за претставување на платформите на идните амбасадори, но на оваа седница помина единствено кандидатот за амбасадор на САД. Амбасадорот Зоран Попов веќе е заминат за САД. За останатите, кои исто така чекаат собраниско одобрување, се чека на одлуката на Милошоски. Тој неодамна за Алсат кажа дека активната блокада на опозицијата во Собранието нема да влијае на сослушувањето на кандидатот за амбасадор во Вашингтон, а за останатите, дека дополнително ќе закаже, но тоа досега се нема случено.
За целосно да се пополни дипломатска мрежа се очекува да бидат предложени шефови на дипломатски мисии за уште шест градови – Пекинг, Бразилија, Белград, Тел Авив, Каиро и Торонто. Покрај тоа што ќе се очекува во наредниот период да бидат предложени кандидати за овие испразнети места, МНР наредниве денови ќе предложи и име за нов државен секретар во Министерството, место кое се испразни по испраќањето на Попов во Вашингтон.
Лука Андреев