Бектеши: Компаниите добиваат поевтина струја од берзанската

Власта тврди дека граѓаните и компаниите во оваа енергетска криза добиваат помош од државата. Ставот на властите е дека домаќинствата добија минимално зголемување на електричната енергија, а само мал дел од фирмите струја набавуваат од слободниот пазар. Цената која ја плаќаат компаниите во Македонија изнесува околку 200 евра за мегават час, а на берзите е неколку пати повисока, вели министерот за економија, Крешник Бектеши.
„Само еден мал дел од компаниите, главно големите компании кои имаат по илјада или по две илјади вработени, се на слободен пазар. Што значи дека тие се снабдуваат од одредени трговци кои се лиценцирано во нашата држава“, рече Бектеши.
Директорот на ЕСМ пак, Васко Ковачевски, тврди дека нема простор за паника по пропаѓањето на планот за трампа со Косово, тие нас јаглен, а ние нив струја. Проблем биле законите и регулативите, но јаглен ќе се набавува и од Косово и од Албанија и Грција додава Ковачевски. Јаглен има доволно за да се зголеми домашното производство на струја за 20 отсто во однос на ланската година, вели директорот на ЕСМ.
„За нас во ЕСМ нема пречки. Ќе имаме зголемено производство и за нас рестрикции не се опција“, рече Ковачевски.
А, вчера владата прогласи кризна состојба во енергетиката. Целта е, доколку се случи некаква хаварија во енергетскиот сектор, државата да може финансиски да интервенира кај државните енергетски компании. Од први септември државните институции се задолжени да штедат електрична енергија а раководните лица на институциите ќе треба да покажат резултати до владата, тие институции и фирми кои нема да заштедат 15 отсто електрична енергија во споредба со истиот месец лани ќе добијат санкција од Илинденска број два. За домаќинствата и приватните фирми мерките за штедење на струјата се во вид на препораки.
И додека граѓаните ги плаќаат новите повисоки сметки за електрична енергија од минатиот месец, надлежните веќе ја подготвуваат јавноста за нов ценовен шок од Нова година.
Иле Петревски