ЕКОНОМИЈА

МЕПСО од фирми бара 63 милиони евра

Компаниите кои тргуваат со струја од МЕПСО добиле фактури во висина од нешто повеќе од 63 милиони евра. Толкав е цехот кој треба да се плати за ланското трошење на електричната енергија која фирмите ја влечеле од европските системски резерви. Директорот на МЕПСО, Орхан Муртезани за Алсат вели дека имаат проблематични наплати во висина од 16 милиони евра, а од нив 9 милиони се од страна на компании кои се исклучени од пазарот со струја и на кои им беа одземени лиценците за работа. Но, случаите се во судска постапка и тој очекува разрешница во корист на државата. За годинава да не се повтори истото сценарио од лани, директорот вели ќе мора да се променат неколку пазарни правила.

Advertisements

„Ние фактичката состојба на отстапувањето ја гледаме 60 дена откако ќе се случи. Тоа значи дека одредена настаната финансиска штета ние можеме да ја увидиме само после 60 дена. За да се спречи овој феномен и оваа година, која се очекува, според сите проценки да биде дури и попроблематична, ние покренавме до Агенцијата за енергетика промена на пазарните правила каде бараме да се овозможи отстапувањата да се следат на дневна основа“, изјави Орхан Муртезани, директор на МЕПСО.

Поради огромен раст на цената на струјата на светските берзи во текот на ланската зима, неколку компании-трговци на струја се решија наместо да купуваат на слободниот пазар, да влечат струја од т.н. системски резерви, кои инаку би требало да се користат само при некоја хаварија во системот. Европската енергетска заедница на неколку пати ја опомена Македонија дека поради ваквите потези на фирмите ќе биде санкционирана. Потоа некои од тие фирми беа казнети и ги враќаат парите, а други останаа без дозвола за работа. Надлежните сметаат дека е потребно и да се зголемат банкарските гаранции на компаниите кои тргуваат со струја.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button