
Арачиново доби струја. Екипи на ЕВН од утрово се на терен и започнаа да работат на отстранување на дефектите. Екипата на Алсат направи обиколка во оваа општина. Забележавме неколку возила на ЕВН кои приклучуваа исклучени објекти со електрична енергија. Граѓаните не беа расположени да зборуваат пред камерата на Алсат.
Според информациите кои ги добивме од терен, струјомерите на куќите од сега ќе се поставуваат надвор пред куќите за што подобра евиденција и контрола на користењето на електричната енергија од страна на надлежните.
Најчести причини за прекинот со снабдување со електрична енергија на жителите на Арачиново се дивите приклучоци во мрежата на ЕВН. Според информациите, од денеска стартува процес со кој ќе се менува или реконструира целокупниот систем на довод на електрична енергија во оваа општина. Целиот процес ќе трае една година.
Пресметките на ЕВН се дека штетата која ја предизвикуваат жителите на Арачиново изнесува шест милиони евра на годишно ниво. Проблемот со нелегалните приклучувања во мрежата, освен што влијаат негативно врз мрежата, доведуваат и до големи дефекти за кои потоа треба многу време за да се санираат.
„Во првата фаза се прави инспекција на мрежата по што ќе следи реконструкција за подобрување на снабдувањето и отстранување на дефектите кои беа резултат на нелегалните приклучувања во мрежата…“, рече Вјоса Селими Портпарол на ЕВН.
Од ЕВН Хоум велат дека најголеми неплаќачи на сметките за електрична енергија се: Арачиново, Грчец, Сарај, Крушопек, Сингелиќ, Серава и Студеничани. Сепак, поголем проблем е кражбата на струја. Овие губитоци подоцна ги плаќаат сите граѓани бидејќи загубата учествува во формирањето на нова повисока цена на струјата за сите.
Иле Петревски