Брнз: Корупцијата останува најголем проблем во државата

Корупцијата и натаму е најголемиот проблем на Македонија, што го поткопува доброто владеење и ја саботира економската конкурентност. Ваква критика денеска испрати американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз. Пред министерот за финансии Фатмир Бесими, Брнз нагласи дека мора да се подобри транспарентноста, се уште постојат нефункционални институции, но и да се искорени непотизмот. Брнз индиректно се сомнева дека некои политичари од земјава не се за реформи.
„Државните лидери мора да се соочуваат со предизвикот за да ги исполнат очекувањата од јавноста и да се потрудат да продолжат со системските реформи од кои ќе добијат бенефит граѓаните. Треба да ги исполнат стандардите за членство во Европската Унија. Ве охрабруваме да продолжите со реформските напори дури и кога тие предизвикуваат политички поделби“, рече Брнз.
Брнз зборуваше по потпишување на договорот со кој УСАИД му додели на Министерството за финансии, финансиска помош во висина од 10 милиони долари за подобрување на демократијата и конкурентноста на економијата.
По завршувањето на нејзиниот говор, амбасадорката стана и си замина, а неа ја испрати министерот Бесими. Тој не се врати да одговори на новинарските прашања и да даде свој став во врска со упатените критики.
Инаку, на само еден ден од почетокот на владините мерки за штедење со кои државните институции се задолжени рационално да ја користат електричната енергија, во Министерството за финансии наместо клима уредот како што стои во мерката да работи на 27 степени таа денеска ја разладуваше просторијата на 25 степени.
Иле Петревски