
Министерството за надворешни работи на Бугарија му одговори на албанскиот премиер Еди Рама, кој на Бледскиот форум во Словенија рече дека Албанија била спречена да ги отвори преговорите заради бугарското вето кон С Македонија. Министерството за надворешни работи на Бугарија овие изјави на шефот на албанската влада ги смета за лажни.
„Министерството за надворешни работи веќе го искажа својот став во врска со антибугарската реторика на Еди Рама, која стана постојан рефрен на неговите политички говори. Таа сега е комбинирана со антиевропски фокус и обид да се понижат механизмите на европскиот процес. Изјавите покажуваат неразбирање за политичкиот процес за ставање на односите во регионот на европски колосек. Тоа е или недостиг на европски комуникациски вештини или намерно поттикнување на антиевропски чувства“, реагираше бугарското МНР.
Реплицираше Еди Рама. Иронично искористи статус на социјалните мрежи дека неговата изјава не е соодветно преведена во бугарското МНР. Според Рама, тој ги повторил истите работи што ги кажал и во јуни.
„Можеби некој треба да им помогне на нашите пријатели во бугарското Министерство за надворешни работи со преводот на мојот одговор во Блед, за тоа како Бугарија го блокираше отворањето на пристапните преговори за Албанија и Северна Македонија кога конечно сите други се согласија по 8 години! Само ги повторив истите работи што ги кажав во јуни“, рече Рама.
С Македонија и Албанија ги започнаа преговорите со ЕУ на 19 јули по одлуката на Бугарија да го укине ветото за Скопје.
Шкелзен Аќифи